There are no translations available.

         Во рамките на проектот „Од Масло до Енергија“, на 23ти октомври се одржа обука за спроведување на теренско истражување на тема „Селектирање на отпад во домаќинства со фокус на отпадното масло за јадење“. На обуката присуствуваа 15 млади кои претходно го поминаа процесот на селекција за анкетари.

         Целта на обуката беше младите да се обучат како се спроведува теренско истражување и да се информираат повеќе за проектот „Од Масло до Енергија“ и системот за управување со отпадно масло за јадење.

         На сесијата на Андреј Гоќиќ од Суниленс ДООЕЛ младите имаа можност да научат повеќе за позитивните практики при управување со отпадно масло за јадење и штетноста доколку истото не се отстранува на соодветен начин. Дознавме дека од 2009 година во РМ постојат компании кои организирано го преземаат отпадното масло за јадење од индстријата и угостителските објекти, додека пак од 2016 година Суниленс им овозможува на граѓаните собирање на отпадното масло директно од нивните домови. Граѓаните кои селектираат отпадно масло за јадење имаат можност да добијат половина литар свежо масло за јадење за секои 3 литри селектирано отпадно масло за јадење или истото да го донираат во социјално загрозени семејства преку иницијативата „Рециклирај, донирај“ во соработка со ЗГ „Љубезност“.



         Практичниот дел од обуката за како се спроведува теренско истражување ја одржа Љупчо Кошчицовски, истражувачки аналитичар. На обуката младите научија што претставува релевантен примерок на истражување на територијата на град Скопје, како се спроведува, се потенцираа деталите на кои младите треба да обрнат најмногу внимание при анкетирањето на терен и нивниот пристап кон граѓаните со цел успешна реализација на истражувањето. Резултатите од истражувањето ќе бидат јавно презентирани во текот на Европската недела за помалку отпад (20 – 26 Ноември) и се од големо значење за дизајнирање на системот за собирање на отпадно масло за јадење во домаќинствата.



         Целта на проектот „Од Масло до Енергија“ е да ја развие свеста кај граѓаните за штетноста при неправилно отстранување на отпадното масло за јадење во домаќинствата, да воспостави систем за собирање на отпадно масло за јадење од домаќинствата и да ја подобри локалната економија. Проектот е поддржан од Минстерството за животна средина и просторно планирање во партнерство со овластена и лиценцирана компанија за управување со отпадни масла и масти за јадење „Суниленс ДООЕЛ“, ЗГ „Љубезност“ и застапникот на „Baytom Machine Industry & Trade Inc“ во Република Македонија.

Share/Save/Bookmark

E mërkurë, 25 Tetor 2017