Дали ќе прејдеме од зборови на дела?

         Додека владите на балканските земји (повторно) ги пресметуваат загубите од последиците од климатските промени (губитоци во земјоделски приноси, поплави и суши), заврши уште еден т.н. COP23во серијата на меѓународни климатски преговори. Што точно е договорено и како климатските промени ќе влијаат врз политичката клима во нашиот регион?
 


         23-тата конференција на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP23) заврши на 24 ноември во Бон. Ова е втора годишна конференција од донесувањето на Парискиот договор кон крајот на 2015 година, кој претставува политичка рамка за ублажување и приспособување кон климатските промени.
         Како и обично, ѓаволот и овој пат е во деталите: како што често се случува во меѓународните процеси каде што се испреплетуваат различни геополитички, јавни и корпоративни интереси, начинот на спроведување на Парискиот договор не е прецизно дефиниран. Беше договорено во која насока треба да се оди (кон нулта емисија на гасови што предизвикуваат климатски промени), но не беше договорено како да стигнете таму. Овогодинешните преговори требаше да одговорат токму на ова прашање: како? Затоа преговорите имаа изразен технички карактер.

Има (ли) надеж за климата?
 
         Беше разговарано за тоа како ќе се измерат и споредат мерките за намалување на емисиите во различни земји, како да се компензираат последиците од климатските промени во најранливите земји и како да се обезбеди соодветна финансиска поддршка за нив.Добрата вест е дека техничките преговори за имплементацијата на Парискиот договор беа успешни. Сепак, ништо не е завршено, а финализацијата на преговорите се очекува да биде следната година на конференцијата (COP24) во Катовице, Полска.
         Верувале или не, повеќето спорови се околу парите: односно околуфинансиската поддршка која развиените земји (условно, загадувачите) треба да ја дадатна земјите во развој (особено оние кои не придонеле за климатските промени, а трпат катастрофални последици). Оваа година, земјите во развој особено инсистираа развиените земји да се заложат за долгорочно планирање на нивната поддршка, со цел земјите во развој да можат да планираат и да работат во поизвесна средина.
         За жал, сите овие напори ќе бидат залудни ако земјите не ги зголемат своите цели за намалување на стакленичките гасови и, уште поважно, ако не почнат да ги применуваат мерките за нивно намалување.
         Во спротивно, нé очекува 3 степени Целзиусови потопла планета. Температурата на Земјата е веќе потопла од 1°C во однос на периодот пред индустриската револуција, и веќе сме сведоци на бури, поплави и суши кои се почести и поинтензивни. Ако размислите за итноста на ситуацијата, само помножете го вашето претходно искуство со 3, па подобро ќе ја разберете итноста на преминувањето од збор до дело. Регионот од Западен Балкан веќе страда од штети што надминуваат милијарди евра.
         Затоа, еден од најголемите успеси на годинешната конференција во Бон е договорот за отворен процес, во кој сите земји ќе учествуваат во проценката на сопствените климатски цели. Фактот дека ова ќе биде процес од една година носи надеж за поголема амбиција и побрзо намалување на штетните емисии.

Трамп против остатокот на светот (и некои држави во Америка)
 

         Повторно, големо внимание предизвика американскиот претседател Трамп кој објави дека ќе ги повлече САД од Парискиот договор. На вториот ден од овогодинешната конференција, Сирија го објави своето учество во Парискиот договор, и со тоа САД станаа единствената држава која не учествува во Парискиот договор.
         Сепак, многу американски држави и компании организираа бројни настани во Бон за да испратат јасна порака дека, и покрај Трамп, Америка не се откажува од борбата против климатските промени, инвестициите во обновлива енергија и други чисти технологии, како што се електрични автомобили, батерии за складирање на стакленички гасови и слично.
         Меѓу политичките лидери се истакна Кина, која дома напорно работи на намалување на загадувањето и инвестирање во обновливи извори на енергија, но на Балканот, финансира експлоатација на најлошото од сите фосилни горива - јагленот. Ова не е добро, а уште помалку е потребно, имајќи го предвид потенцијалот на обновливата енергија во нашиот регион од една страна, и кинеските достигнувања и технологии за нивна експлоатација од друга страна.
         Канада и Велика Британија на крајот од конференцијата најавија дека ќе се приклучат кон Алијансата на земјите кои го напуштаат јагленот за производство на електрична енергија. Во моментот на пишувањето на овој текст, повеќе од 20 земји се приклучија на оваа Алијанса. Целта е да има најмалку 50 членки до следната година и да се приклучат некои од земјите кои сé уште значително зависат од јагленот.

Балкански земји: Во Бон „Идоли“, дома „Нови фосили“

         Земјите од Балканот на овие конференции обично блиску соработуваат со Европската Унија. За нас, конференциите од овој тип се поважни од аспект на размена на искуства, учење и преговарање за техничка и финансиска поддршка. Конференцијата, исто така, го вклучува и сегментот на средби на повисоко ниво. Претставниците на Владите од регионот имаа две регионални состаноци на маргините на состаноците во Бон, кои имаа веќе познат резултат: многу приказни и убави ветувања. За жал, состојбата дома е многу поинаква.
         Само два дена по завршувањето на конференцијата, во Србија беше поставен камен-темелник за почетокот на изградба на нова термоцентрала за јаглен. Во Црна Гора, Владата, исто така, планира да изгради нова термоцентрала и речиси се откажа од ратификацијата на Парискиот договор. За да се дополни составот на "Новите фосили", Владата во Македонија, исто така, планира да изгради нов термален блок, и верувале или не, со користење на увозен јаглен.

Во Македонија сé уште си играме„криенка“(Hide ‘n’ seek)

         Стратегијата за енергетика со години се држи зад затворени врати, а се работи и на измени на Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност. Иако официјално е побараноод еколошките здруженија да се вклучени во изработката и на стратегијата и на законите, надлежните остануваат неми. Што се планира за Македонија не е познато, но тоа што се знаее дека „фосилите“ се сé уштерелевантни и актуелни во земјата. Јавно достапна е физибилити студијата на ЕЛЕМ за „модернизација“ на термоелектраната Осломеј со што се планира продолжување на работниот век за 30 години и за таа цел се препорачува  користење на увозен јаглен!
 
Не се знае кој пие, а кој плаќа

         Колку државата се заложува за климатските промени покажува и фактот што нашите делегации кои присуствуваат на меѓународните конференции се најчесто финансирани од странски донатори, а не од самата држава. Иако граѓаните си плаќаат „еколошки такси“ по разни основи, еколошките здруженија со години бараат „Фонд за животна средина“,сепак останува да си дишеме најзагаден воздух во Европа, а надлежните институции во затворени кругови да изработуваатзакони и стратегии и да се коцкаат со здравјето на луѓето. Тоа ги покажува и капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање за работа на полето на климатски промени, но и за влијание во Владата на РМ, па можеби и премногу е да очекуваме да влијаеме врз енергетската стратегија?Таа, на крајот на денот, не е ниту во надлежност на Министерството за животна средина, туку на Министерството за економија.

Невозможна мисија!?

         Ратификацијата на Парискиот договор во Собранието на РМ, со сите гласови ЗА е уште еден доказ за моќта на „климатските промени“ да го оствари досега неоствареното - „здрава и просперитетна држава“, или пак ВМРО и СДСМ да се согласат за една работа. Сепак, надежта последна умира, па очекуваме дека „нашето“ Министерство ќе го поттикне веќе со години одложуваниот Закон за климатска акција,кој ќе ги обедини сите други стратегии и ќе биде водилка за развојот на земјата. Ова многу убаво звучи, а така и може да биде, само доколку ги кренеме очите нагоре кон сонцето, а не гледаме надолу кон земјата!

Потребна е праведна транзиција кон Европа без јаглен!

         Никој не ја оспорува комплексноста на промената од фосилни горива на обновливи извори на енергија. Зборот "Транзиција" во нашиот речник во регионот се доживува како синоним на негативни искуства и се јавувакако дијагноза на хронична состојба на пост-комунистичките, пост-југословенските, пост-конфликтните општества во нашиот регион. Фактот дека транзицијата не е лесна и дека е потребно време во нашиот регион е уште една причина зошто треба да ги отвориме ушите и очите уште повеќе.
         Сепак, една друга т.н. "праведна транзиција" ветува повеќе разбирање, меѓународна солидарност, можности за нови вработувања и зелен економски раст. Македонија е единствената која во своите заложби искалкулира дека мерките во енергетска ефикасност и ниско-јаглеродно снабдување со енергија ќе отвори 6.000, односно 50.000 работни места во оптимистичкото сценарио до 2030 година. Европа дискутира за поддршката и ресурсите што ќе ги инвестира во локалните заедници за таквата промена  за да се спроведува успешно за сите страни, ние треба само да ги искористиме фондовите кои ни се на располагање.
         Процесот на транзиција кон „Европа без јаглен“е исто така и името на кампањата која се спроведува со нашите колеги од целиот континент. Европа, сепак, тоа нема да биде, ако во југоисточниот дел се популарни "Новите фосили": наместо "Идоли", и до 2030 година не стане регион на "Забрането пушење"!
 
Share/Save/Bookmark

Среда, 06 Декември 2017