There are no translations available.

   На официјалното отворање на „Европската недела за помалку отпад“, на 20.11.207 година, во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, Здружението Гоу Грин го презентираа извештајот од испитувањето на јавното мислење за селектирање на отпадот во домаќинствата, со посебен фокус на отпадното масло за јадење.

   Испитувањето беше спроведено на територијата на Град Скопје на случаен репрезентативен примерок од 300 испитаници од популација на возраст од 18 и повеќе години. Методологија беше интервју „лице -во -лице“ во домот на испитаникот и полуструктуриран прашалник, реализиран од страна на обучени анкетари. Време на анкетирање: 23 октомври - 4 ноември 2017 година. Анкетите на терен ги спроведоа волонтерите на Гоу Грин, а извештајот и анализите од истражувањето ги подготви М-р Љупчо Кошчицовски ( Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите )

   КЛУЧНИ НАОДИ ОД ИСПИТУВАЊЕТО

   ЕКОЛОШКА СВЕСТ

   Најголемиот број од жителите на Град Скопје (80%) се незадоволни од еколошката свест на своите сограѓани. Од испитаниците дури 71% се сметаат за еколошки свесна личност, најбројни се испитаниците на возраст од 60 или повеќе години (82%), додека најмалку бројни се испитаниците на возраст од 18 – 29 години со 57%.

   И покрај тоа што на 86% од испитаниците им е важна екологијата, повеќе од една третина (35%) преферираат да возат автомобил или друго сопствено моторно возило при одење на работа или извршувањето на секојдневните обврски надвор од својот дом. Економската состојба на испитаниците влијае врз начинот на кој тие се транспортираат низ градот ососбено воочливо во групата на испитаници со семејни примања од 60.001 до 100.000 денари каде мнозинството (51%) од нив користат автомобили, додека само 10% од испитаниците со семејни примања до 20.000 денари месечно користат автомобил. Автобусот се појавува како најкористено средство за транспорт од страна на 38% од испитаниците, особено кај лицата кои живеат во руралните средини (50%) и лицата постари од 60 години (60%).

   Точно половина од испитаниците сметаат дека граѓаните се најмногу одговорни за заштитата на животната средина, па потоа Централната власт (28%) и локалните власти (11%)

   СЕЛЕКТИРАЊЕ ОТПАД

   Мнозинството од испитаниците (55%) исфрлаат по една стандардна вреќа полна домашен отпад во период од една недела. Според ова истражување, големината на семејството и големината на отпадот се зголемуваат правопропорционално.

   Само 5,7% од испитаниците го исфрлаат отпадот во посебни контејнери за селекција на различен отпад, мнозинството од 87% го исфрлаат ѓубрето контејнер или во канта за комунален отпад без претходно да го селектираат.

   Сите испитаници одговориле дека имаат некаков метод за отсранување на отпадот, меѓутоа само 15% одговориле дека имаат контејнери за селектирање на пластика, 13% за стакло и 7% за хартија. Најголемиот број од овие испитаници се од урбаниот дел, испитаниците од руралниот дел на Град Скопје одговориле дека воопшто немаат контејнери за селектирање на пластика и хартија, а само 1,5% одговориле дека имаат контејнери за селектирање на стакло во нивното соседство.

   70% од испитаниците сметаат дека селектирањето е важно, меѓутоа во однос на застапеноста според тип на население има значителна разлика во одговорите помеѓу испитаниците кои живеат во урбана и рурална средина. Само 53% од населението од рурална средина смета дека селектирањето на отпадот е важно.

   И покрај високиот број на испитаници кои сметаат дека селектирањето е важно, само 2% од нив го селектираат отпадот, додека 27% селектираат само дел од својот домашен отпад. Од испитаниците кои целосно го селектираат отпадот сите живеат во куќа од кои повеќето во рурална средина. Најголемиот број од испитаниците (46%) навеле дека немаат услови за селектирање на отпадот.

   Семејствата кои целосно или делумно го селектираат домашниот отпад 45% успеваат да соберат една кеса месечно. Од отпадот кој најчесто се селектира, 41% од испитаниците селектираат пластика, 18% хартија, 13% стакло, 12% батерии, 8% облека.

   Мнозинството (74%) од испитаниците кои целосно или делумно го селектираат домашниот отпад се незадоволни од опциите каде треба да го остават отпадот и материјалите што може да се селектираат. Најчесто (80%) се соочуваат со недостаток на контејнери за селекција, 42% рекле дека контејнерите за селектирање често се полнат со обичен отпад и 25% дека контејнерите за селектирање се поставени на незгодна позиција.

   Недостигот на посебни контејнери за селекција на отпад во соседствата се појавува како најголема бариера за испитаниците кои не селектираат, веднаш по неа е неинформираноста каде се остава селектираниот отпад и кој отпад може да се селектира. Од испитаниците кои не селектираат 25% одговориле дека е полесно да се исфрли целиот отпад заедно.

   Најголемиот број од испитаниците го поддржуваат селектирањето на домашниот отпад (88%), а од нив 75% би започнале со селектирање на отпадот доколку имаат некаква материјална корист од тоа. 82% би селектирале пластика, 69% хартија, 44% стакло, 31% батерии.

   На прашањето дали сметате дека постојат доволно информации за како граѓаните да селектираат одреден тип на отпад во домаќинствата, поставено на сите испитаници, само 11% одговориле потврдно.

   СЕЛЕКТИРАЊЕ МАСЛО ЗА ЈАДЕЊЕ

   Најголем број од домаќинствата во Скопје користат помеѓу 1 и 2 литри на масло за јадење при подговка на храна во период од еден месец. Семејствата кои живеат во руралните средини користаст поголема количина на масло при своето готвење, 41% од нив користат 2 литри месечно, а 18% користат 4 или повеќе литри. 25% од семејствата со повеќе од 5 членови користат 4 или повеќе литри на масло за јадење при готвење.

   Повеќе од една третина (37%) од испитаниците се информирани дека искористеното масло за јадење може да се рециклира, од нив најголем дел се испитаниците кои делумно селектираат (46%).

   Само 2% од испитаниците одговориле дека го одложуваат искористеното масло за јадење, останатите најчесто го фрлаат во лавабо во кујна (42%), го исипуваат во ВЦ шољата (27%) или го собираат во посебно канче и го фрлаат заедно со останатиот отпад (20%).

   Поголемиот дел од коментарите на испитаниците кои го одложуваат маслото за јадење се насочени кон подобрување на системот за собирање на искористеното масло, да се постават станици за собирање на искористеното масло за јадење и предлагаат едукација на граѓаните за начинот на селектирање на искористеното масло за јадење.

   Малку помалку од половина од испитаниците (47%) се запознаени со штетните последици при несоодветно отстранување на отпадните масла за јадење. Сите испитаници кои го одложуваа искористеното масло беа инфомрмирани за штетните последици, меѓутоа 57% од испитаниците кои селектираат и 49% од оние кои делумно селектираат не се информирани за штетните последици.

   Само 15% од испитаниците слушнале за компании кои собираат отпадно масло за јадење од домаќинствата и го преработуваат отпадното масло во биодизел. Од нив само 12% се испитаници кои не го одложуваат маслото. Од оние кои знаат дека постојат компании, освен испитаниците кои одложуваат масло за јадење, остантите испитаници не ги знаеа имињата само знаат дека постојат такви компании.

   Собирањето на искористеното масло за јадење од домовите би бил најголем стимулант за 41% од испитаниците да започнат со одложување на искористеното масло за јадење како и посебен сад за собирање на искористеното масло за јадење (35%). 34% одоговориле дека би ги стимулирала материјална придобивка во пари, додека 27% би ги стимулирала материјална придобивка во поклон. Од нив 41% од населението кое живеее во руралните средини би одложувало масло за јадење доколку имаат материјална придобивка во пари, 37% во поклон.

   Повеќе од половина од испитаниците (55%) се подготвени самите да го однесат искористеното масло за јадење на одредена локација во својата општина каде што ќе го заменат за некоја материјална корист. Мнозинството од испитаниците кои делумно селектираат отпад 65% би оделе на одредена локација за да го селектираат маслото, што не е случај со испитаниците кои селектираат каде мнозинството 57% не би го правеле истото.

ИНФОРМИРАНОСТ И ПРЕДЛОЗИ

   Само една четвртина (26%) од испитаниците виделе или слушнале било каква објава или вест за селекција и/или рециклирање на отпад. Постои голема разлика во информираноста за селектирање на отпадот кај испитаниците кои живеат во рурална (3%) и урбана (33%). Најголемиот број од испитаниците одговориле дека се информирани најмногу од Телевизија, потоа флаери, социјални медиуми и постери во училиштата и општините

   Повеќе од две третини од испитаниците сметаат дека Телевизиските реклами се најдобар начин за пренесување на информации во однос на селектриањето на отпадот, нешто повеќе од половина исто така сакаат да бидат информирани преку социјалните медиуми, 33% преку веб реклами, 26% преку памфлети. Најголемиот број од испитаници на возраст од 18 до 29 години (72%) ги преферираат социјалните медиуми, додека 82% од испитаниците над 60 години ги преферираат телевизиските реклами.

   Дури 71% од испитаниците се заинтересирани за приватни/договорени услуги за собирање на селектиран отпад од својот дом. Постои особена разлика помеѓу испитаниците кои селектираат и оние кои не селектираат, во однос на користење на услуги од приватни фирми. 43% од оние кои селектираат не би користеле услуги од приватна компанија, сосека 88% од оние кои делумно селектираат и 65% од оние кои не селектираат би сакале да користат вакви услуги.

   На прашањето кој може да добие најголема корист од селектирањето на домашниот отпад, вклучувајќи го и одложувањето на искористеното масло за јадење, 65% од испитаниците одговориле дека тоа се граѓаните, па приватните компании за рециклирање (18%).

   Како предлози од граѓаните за тоа што треба да се направи за да се намали количината на отпад кој завршува во депониите најчесто се спомнувани подигнувањето на свеста за селектирање и рециклирање на отпадот, зголемувањето на бројот на контејнери за селекција, воведување на методи за мотивација на граѓаните да селектираат како и воведување на систем за селектирање и рециклирање на отпадот.

   Целосниот извештај од истражувањето може да го преземете на следниот линк: ПРЕЗЕМИ! (PDF)

 

Share/Save/Bookmark

Среда, 29 Ноември 2017