Гоу Грин: Даниел, те познаваме како првиот победник на изданието на “Икс фактор” во Белград.  Дали ќе сакаш да ни откриеш нешто повеќе за твоето претходно занимање?

   Во моето срце отсекогаш сум се занимавал со пеење и музика. Од секогаш сум ја чувствувал таа љубов и потреба да запеам, па можеби и затоа никогаш не сум имал план “б” во животот. Но, во животот не секогаш сè оди по план - секогаш има позитивни и негативни изненадувања, а негативните се секогаш одлична прилика да научиме нешто и да се вратиме на вистинскиот пат.
   Секогаш на прво место ми било пеењето, но во фази кога тоа не ми одело како што треба, не сум седел дома да чекам на подобри денови, не сум бил пасивен. Секогаш ми било важно нешто да правам и поради тоа многу често сум имал чувство како да живеам два животи - навечер настапував во некој клуб во Виена или на некој од големите “Open Air” фестивали, а наутро веќе станував рано за на работа. Никогаш не сум се срамел од тоа што го работам. Иако себеси сум се гледал како уметник, никогаш не ми било срам или проблем да фатам алат в раце. Доаѓам од скромно семејство, моите родители цел живот работат за да ни обезбедат пристоен живот, па ако можеле они зошто да не можам и јас? Сум поминал секакви професии и работни места; бев продавач, агент во центар за повици, дури во сервисниот центар на Ерсте Банката во Австрија работев како оператор, но сè тоа беа убави искуства.

Пред да се појавам на Икс Фактор работев како инсталатер на градилиште што за мене беше преубаво искуство. Почнав од нула, бев самоук, Научив многу за таа професија, но и за себеси. Почнав како помошник, но при крајот на моето работно искуство веќе бев десна рака на сопственикот на фирмата и имав преку 150 луѓе за кои бев лично одговорен. Активно присуствував во планирање на проекти и нивната изградба, што разбуди еден инстинкт во мене, а тоа беше снаодливоста и желбата за секојдневно учење. Сфатив дека сум способен за многу повеќе од што мислев! На крај, сепак ѝ се вратив на музиката, но тоа што го научив на градилиштата ми ги зацврсти карактерот, дисциплината и посветеноста, и понатаму ми помогна да се снаоѓам многу полесно и во светот на музиката. Со оваа порака сакам на сите да им кажам дека за да го дознаеш својот личен вистински пат мораш да ги совладаш секојдневните предизвици и да дознаеш кој си. 

Гоу Грин: Зошто го направи тој избор, зошто таа професија?

   По многу неуспеси во музиката почувствував потреба да се занимавам со нешто комплетно различно од музиката, па така и избрав нешто многу поразлично, како што е градежништвото. Имав потреба од физичка работа која не е поврзана со уметноста затоа што чувствував дека стагнирам. Имав потреба да го ослободам мојот дух и душа од внатрешен притисок и тоа многу добро ми успеа. Секојдневно бев опкружен со луѓе кои трудољубиво и дисциплинирано ја работеа својата работа и тоа и мене ме мотивираше да учам. Заборавив на сè што ме мачело сите претходни години и го најдов својот мир и својата спокојност токму во таа професија. После тоа, на сосема поинаков начин можев да ѝ се посветам не само на музиката, туку и на животот и начинот на кој го гледам животот и на кој се гледам себеси. Искуството во градежништвото дефинитивно ми беше многу драгоцено и придонесе за успехот што следуваше понатаму. 
 

 
Гоу Грин: Какво влијание имало тоа искуство врз тебе како личност и како професионалец?

   Тоа искуство имаше огромно влијание врз откривање на самиот себеси, врз мојата дисциплина, снаодливост во секоја смисла и секоја животна ситуација. Животот е многу краток и треба да знаеме како да го искористиме секој миг и да веруваме во она што го правиме. Јас верував дека ќе станам важен дел од таа фирма и дека еден ден ќе можам да преземам голема одговорност. Тоа се случи и поради тоа научив многу корисни работи кои никој не може да ми ги одземе. Тоа што сега го поседувам како знаење и вештини од тоа искуство е мое, тоа сум јас. Научив животни вештини кои се секогаш со мене каде и да одам, горд сум на сè што научив во таа професија и во таа фаза од мојот живот.

Гоу Грин: На каков начин мислиш дека младите во Македонија можат да го добијат тоа слично искуство?

   Пред сè би им препорачал чесност, посветеност и љубов према сè што прават, бидејќи само така ќе стигнат до своите цели. Мора да веруваат во себе и да се упорни. Размислувајте позитивно, бидете оптимисти и имајте самодоверба - тоа се клучните фактори за успех со што и да се занимавате. Најдете прилика нешто да научите во сè што правите, бидејќи тоа еден ден ќе ви се најде. На крај, во животот секогаш е најважно искуството, па затоа борете се за знаење и искуство бидејќи тоа ќе ве одведе на вистинскиот пат!

   Кампањата „Фати се занает“ е одлична иницијатива од Гоу Грин за да ја поттикне свеста кај младите од учењето на „занает“ и ми е мило што можам и јас да биде дел од неа. Од срце им препорачувам на сите млади да научат занает, да се приклучат на обуките кои се организираат, бидејќи ќе се стекнат со вештини за цел живот!
 
Share/Save/Bookmark

Tuesday, May 23 2017